ИХФ ги избра најдобрите во светскиот ракомет: Апсолутна доминација на Данците

Данските ракометари и тренери имаат апсолутна доминација при изборот на ИХФ за најдобри светски ракометари и тренери во машка и во женска конкуренција за 2021 година. За првпат во историјата, главните награди завршија во рацете на голмани, и тоа Никлас Ландин во машка и Сандра Тофт во женска конкуренција.

Ландин, кој имаше зад себе одлична сезона на голот на Кил и на данскиот национален тим, е првиот ракометар што успева две години по ред да стигне до големата награда, нешто што низ годините не им успеало ниту на великани како Карабатиќ, Хансен, Душебајев, Балиќ… Тој освои 24,12% од вкупните гласови, во мртва трка успевајќи да го победи Џим Готфридсон од Шведска, кој освои 23,87% од гласовите.

Голманката Тофт имаше одлични изданија на голот на Данска во годината што измина, а воедно беше и лидер на екипата на Брест, која по девет години пауза стигна до титулата во Франција, а воедно обезбеди и финале во Лигата на Шампионите. Тофт е првата голманка што стигна до ова признание по 20 години пауза, откако тоа и појде од рака на Норвежанката Легангер.

Данскиот селектор Николај Јакобсен е избран за најдобар тренер во машка конкуренција, за освоеното злато на СП во Египет и среброто на Олимписките Игри во Токио.

За најдобар тренер во женскиот ракомет е избран Јеспер Јенсен, предводникот на данската репрезентација и на екипата на Есбјерг.

Се вчитува...