Икарди кажа ДА: Плата од седум милиони евра, клаузула од 180 милиони

Долгите преговори конечно вродија со плод, Мауро Икарди ги прифати последните услови што му беа понудени од страна на управата на Интер и е подготвен да потпише нов договор со „нероаѕурите“. Неговата сопруга Ванда Нара долго време преговараше со раководството на клубот, за на крајот во разговорите да се вклучи и првиот човек на Интер, Стивен Жанг, кој ја презеде контролата од директорот Марота и директно ги договори сите детали од новиот договор.

Според него, Икарди наместо досегашните 4,5 милиони евра по сезона ќе заработува по седум милиони евра во периодот до 2023 година. Покрај тоа, Аргентинецот ќе добие и богати бонуси за секој освоен трофеј во дресот на „нероаѕурите“. За возврат, Интер ќе ја зголеми откупната клаузула во неговиот договор, па наместо досегашните 110 милиони евра, сега клубовите кои сакаат да го доведат во своите редови ќе треба да издвојат огромни 180 милиони евра.

Целта на кинеските газди е јасна – со останувањето на Икарди и летниот трансфер на Лука Модриќ и на уште две-три засилувања да се состави тим со кој Интер би му парирал на Јувентус во битката за скудетото наредната сезона.

Се вчитува...