Икарди пак го откачи Интер, уште го болело коленото

Страстите во Интер никако не можат да се смират откако Мауро Икарди ја отфрли подадената рака од тренерот Спалети и клупската управа, одбивајќи да се врати во првиот тим на „нероаѕурите“ за претстојниот меч од Лигата на Европа против Ајнтрахт.

Синоќешниот состнаок бил организиран од страна на Спалети, кој јасно му ставил до знаење на Икарди дека сака да го види како предводник на нападот на Интер на преостанатите натпревари до крајот на сезонава, па и подолго. Сепак, Аргентинецот експресно го отфрлил барањето за негов настап со Ајнтрахт со образложение дека се уште чувствувал болка во коленото.

Само за потсетување, голгетерот пред десетина дена бараше да му биде дозволено да замине на операција, по што доби негативен одговор од управата на Интер, со образложение на лекарскиот тим дека не станува збор за никаква повреда. Икарди претходно најави дека би се вратил само доколку му биде вратена капитенската лента и добие извинување од клубот, што беше експресно отфрлено како опција од страна на раководството на Интер.

Ситуацијата делува максимално компликувана, сите чекаат да дојде крајот на сезоната и Икарди конечно да биде продаден. Само што во меѓувреме и неговата вредност сигурно ќе падне за најмалку десет милиони евра.

Се вчитува...