Илиевски: Да не беа „Чкембарите“, немаше да славиме

Шефот на стручниот штаб на Пелистер, Марјан Илиевски, го пофали карактерот на својот тим по големиот камбек на дуелот со Еуро Никел, на кој „пелистерци“ славеа со 93-84 иако на средината од третата четвртина имаа огромна негатива од 17 поени.

Покрај карактерот на својот тим, Илиевски го истакна присуството на најверните битолски навивачи, популарните „Чкембари“ на трибините во салата и поддршката што тие им ја дадоа на кошаркарите.

„Големи честитки за моите кошаркари и за навивачите. Густиот распоред ја принуди мојата екипа да го игра шестиот натпревар во десет дена за. Плус, патувањата си зедоа своја цена, а тука е и болеста на Бубе Младеновски. Кавадаречки Еуро Никел е подобра екипа од првиот дел, имаат две засилувања, и странско и домашно. Ние дигравме одличен натпревар и перфектен амбиент. Лошо го отворивме натпреварот, гостите беа непогрешливи за три поени и создадоа голема разлика. Тие реализираа 50 поени во првиот дел и тешко е да се вратиш по таков почеток. Морам да им честитам на карактерот на моите кошаркари и на навивачите кои беа наш шести играч. Да не беа „Чкембарите“ немаше да се радуваме“, изјави Илиевски.

Пелистер останува убедливо прв на табелата со 15 победи без ниту еден пораз, a следен предизвик за битолчани е завршниот турнир од Купот на Македонија што тие ќе го стартуваат в петок точно на пладне, со дуел против ТФТ.

Се вчитува...