Изненадувањето на сезоната дефинитивно ни доаѓа од Битола. Пелистер докажа дека тимската игра превладува над се. „Зелено-белите“ добрата тимска хемија ја крунисаа со шест победи во шест натпревари во Првата лига, а за овој успех да биде уште поголем, на пет од овие дуели тимот на Марјан Илиевски постигна над сто поени, а само пет го делеа за истото да го оствари и на натпреварот против Академија ФМП.
Тимот од „Боро Чурлевски“ оваа полусезона преовладува во скоро сите статистички сегменти. „Зелено-белите“ се први во просекот на постигнати поени на натпревар со 106.8 поени, први се и по бројот на асистенции кој изнесува 25.5, а покрај тоа цврстата одбрана дозволува само 71.8 поен по средба. Доказ за тимската игра дава и фактот дека ниеден од играчите на Пелистер не е во првите десет на листата на најдобри поентери во лигата.
„Од самиот почеток целта беше да направиме една успешна приказна која што, си поставивме цел, да биде поразлична од претходно. Никој пат не разговаравме дека нашата цел ќе биде таа и таа позиција, дека ќе биде тој и тој успех. За нас успех е да создадеме една целина, засега успешно чекориме и сето она што го имаме создадено како меѓусебно почитување, засега функционира, а сакам така да остане и во иднина“ – изјави Марјан Илиевски во обраќањето до медиумите.
Битола е спортски град во кој се враќа кошарката. Битолчани се први на табелата во Првата, но и во Втората лига…
„Бев изненаден од спортската приказна од овој град. Кога дојдов во Битола, кога наутро одевме на тренинг, паркот беше исполнет со спортисти, млади категории во фудбал, ракомет или кошарка. Ме радува приказната што овој град има два кошаркарски клуба кои се натпреваруваат во Втората лига. Со нашата добра работа и добар резултат ќе има интерес кој ќе привлече и други млади кошаркари кои ќе се приклучат во овој спорт“ – додаде тренерот на Пелистер.
Пелистер е тим кој што е составен од младост и искуство, просечната старосна граница во овој клуб изнесува 26 години, а убедливо најискусниот играч меѓу „пелистерци“ е Бојан Трајковски, кој е свесен за успехот на тимот, но апелира на претпазливоста во долгата и неизвесна сезона.
„Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои се инволвирани во клубот и на сите сакам да им упатам голема благодарност бидејќи во оваа ситуација е многу тешко да се избориш, да најдеш време и начин за да им овозможиш на играчите тоа што они нам ни го овоможија. Со нивна помош и наша работа се изборивме за тоа да бидеме на полусезоната на прво место што не беше ни малку лесно. Знаеме како почнавме сите ние кои сме во клубот, знаеме каде сме сега, но не треба да ни дава тоа ветер во грб, треба да се приземјиме, да се одмориме за празниците и здравје Боже да продолжиме така и следната година“ – изјави крилниот центар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА