(ИН)ДИРЕКТ: Залетот за Европско доаѓа од трибините

Екипа

Македонија со пресинг го „разбива“ Израел, се редат шанси пред голот иако мора да признаеме дека реализацијата и не ни беше најдобра страна. Бобан Николов со лизгачки стартови „царува“ на средината, капитенот Горан Пандев губи топка и трча спринт 40 метри назад за да ја исправи грешката, Елиф Елмас „везе“ со топката млад и полетен, слободните удари и корнерите на Барди се половина гол. Добивме и нови сили, Костадинов, Стојановски, Аврамовски…Македонија игра фудбал, и тоа сериозно квалитетен, веднаш е зад најдобрите две селекции, фаворитите Полска и Австрија. И колку и да се лажеме, се виде дека со нив не можеме, четирипати загубивме.

Го победивме Израел за трето место во групата. Не е тоа само за статистика, можеби не е ни толку вредно за да го нарекуваме историја, но дефинитивно е залет за Европско…кое МОРАМЕ да го оствариме преку плејофот во Лигата на нации.

Затоа што Македонија во овие изминати квалификации во кои освои 14 бода покажа дека има многу поголем квалитет од селекциите во Лигата Д. Па, нека е ривал во плејофот и Косово, и нека собрале фудбалери со косовско потекло ширум светот. Кој ни е нас виновен што не може(в) ме да го убедиме Кулушевски…Но, можеби и не ни е потребен, Игор Ангеловски, мора да се признае, одлично го склопи мозаикот, а има и добри решенија за повредите кои не ја одминаа репрезентацијата во текот на квалификациите.

Ова е дефинитивно најдобар резултат на националниот тим во еден квалификациски циклус, се поблиску сме да веруваме во констатацијата на капитенот Горан Пандев дека и оваа селекција на Македонија квалитативно е најдобрата од осамостојувањето….или попрецизно, игра најубав, фудбал најблиску до европскиот.

Најмногу од се ми се допадна ставот на селекторот Игор Ангеловски. Трети сме…па, што…Ништо не сме направиле. Овие наши фудбалери, со односот кон играта, со храбриот пристап, со желбата со која го носат дресот со националниот грб – дефинитивно заслужуваат настап на Европско првенство. Тоа ќе биде вистинската награда. И многу важно е што веруваат дека таа желба можат да си ја остварат, за себе и за целата нација.

Македонија единствено потфрли во поддршката. Енергијата што публиката од трибините треба да им ја донесе на фудбалерите како дополнителен адут. За да можат да ги изненадат и подобрите од себе, Полска и Австрија. Во некои други земји, трибините се преполни, фановите френетични, а фудбалерите „летаат“ на теренот кога ќе „хукне“ стадионот.

Кај нас е полупразно речиси секогаш, неколкупати ќе се слушне „Македонија, Македонија“ од јужна и од северна… Така не се навива за својата репрезентација, така не се верува во чудо, а фудбалерите дефинитивно заслужуваат едно поубаво „благодарам“ за игрите и резултатите во овие квалификации. Третото место не е за фалба, туку треба да биде поттик повеќе да се фати залет за Европско.

Во март доаѓа Косово, плејоф полуфинале во Лигата на нации, два меча до историја. Ама до неа се стигнува само со фудбалска еуфорија.

Се вчитува...