ИН МЕМОРИАМ: Почина Живко Дуковски

Maкeдонскиот спорт загуби уште една своја голема легенда. Во 84-тата година од животот денеска во Скопје почина Живко Дуковски, големиот боксерски шампион, тренер и спортски функционер кој со многу што го задолжи спортот во Македонија.

Дуковски засекогаш ќе остане запаметен како основачот на „Златниот гонг“ и тренерот кој создаде врвни боксерски имиња со кои освојуваше медали на Олимписките игри, Светските и Европските првенства. Асови кои се профилирале под негово водство се Самоиловски, Неџат Мемети, Руждија Калач, Азис Салуху, Реџепагиќ, Василев. Беше селектор на македонската селекција и еден од најуспешните тренери на државните првенства. Извесен период работеше и со Аце Русевски и Реџеп Реџеповски кои освоија бронзени медали на Олимписките игри. Со Руждија Калач во БК Скопје го подготвија Вели Мумин до двете бронзи на Европските првенства.

Живко Дуковски, е роден на 5. август 1938 година. Како боксер првиот свој боксерски медал за Македонија го освои на Државното првенство на Југославија во 1957 година. Во финалето беше поразен од далеку посикусниот Миодраг Љубомировиќ. Ова беше голем успех за Македонија, а по враќањето Дуковски е пречекан од многу народ на железничката станица во Скопје. Боксерот на Метеалец од Скопје со своите 19 години изненади многумина, но со борбеноста и пожртвуваноста заслужено се најде во финалето. Од тогаш Дуковски ги трасира победоносните патеки на македонскиот бокс.

Акумулираното искуство потоа го пренесе и на младите и во рамките на Младинското спортско друштво „Скопје“ од Автокоманда кое на негова иницијатива се трансформираше во боксерски клуб. Во 1968 година, во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември, беше иницијатор за почнување на едно од најпознатите домашни спортски манифестација „Златниот гонг“, кој и денес е препознатлив белег на македонскиот спорт.

Живко Дуковски е избран во 10-те најуспешни тренери на векот во Македонија, беше член на Македонскиот олимписки комитет, а доби и големо признаие од ЕАБА, станувајќи член на Техничката комсија, како единствен Македонец.

Се вчитува...