Сите го критикуваат претседателот Џани Инфантино и ФИФА, но никој не презема ништо конкретно, изјави Марк Пит, поранешен член на ФИФА и швајцарски експерт за кривично право, како што пренесе германската новинска агенција ДПА.
ФИФА е на удар на критики, особено за време на тековното Светско првенство, поради бројни очигледни или помалку очигледни афери, а Пит наведува дека клучниот противтег треба да биде европската фудбалска организација.
„Ништо не се случува без Европа, а европските федерации треба да ја искористат моќта и вредноста што ги поседуваат. УЕФА треба остро да реагира и да каже: ’Ја напуштаме ФИФА‘. Европскиот фудбал отсекогаш владеел со светот, а ова првенство е доказ за тоа. УЕФА треба да заземе цврст став кон ФИФА, повикувајќи се на антимонополските закони. Сепак, се чини дека европскиот фудбал не е обединет по ова прашање и не сака да преземе заеднички мерки против Инфантино“, изјави 73-годишниот Пит во интервју за „Тагесшпигел“.
Од 2011 до 2013 година, Пит беше член на ФИФА и ја предводеше независната комисија задолжена за демократизација на организацијата. Во тоа време, претседател на ФИФА беше Сеп Блатер.
„ФИФА е институционална организација и секој член може да иницира одредена правна постапка. Сепак, Инфантино дополнително го усоврши претходниот систем на Блатер. Тој е уште повеќе воден од желбата за пари, влијание и моќ. На пример, Етичкиот комитет на ФИФА веројатно постои само на хартија. Инфантино е убеден дека над него нема никој, односно дека само Бог е над него и во неговата организација, тоа е вистината“, додаде Пит.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
