Џани Инфантино се подготвува за нов мандат во ФИФА, но последните информации говорат дека тој многу лесно би можел да ја напушти функцијата на прв човек на светската куќа на фудбалот.
Весникот „Њујорк Пост“ денеска објави дека Инфантино е сериозен кандидат за друга, исклучително моќна функција – за Генерален секретар во Обединетите нации. Очекувано, зад идејата стои американскиот претседател Доналд Трамп со кого Инфантино имаше блиска соработка во изминатиот период и кој гледа на актуелниот претседател на ФИФА како идеален кандидат за наследник на Антонио Гутиереш.
Досега има седум кандидати за оваа функција, но Трамп е убеден дека може да ја истурка идејата за Џани Инфантино, најпрвин во Советот за безбедност на ОН, а потоа и во гласање на Собранието на оваа организација.
Дека ова не се само „празни муабети“ говори и последната изјава на советникот на Трамп, Паоло Замполи, кој потврди дека американскиот претседател „ја добил оваа генијална идеја“.
„На нешто така генијално може да се сети само претседателот Доналд Трамп. Во Обединетите нации мора да соработувате со 193 држави членки. Во ФИФА постојат повеќе од 200 земји членки, а одличните резултати на Џани покажуваат дека тој знае како да раководи“, истакна Замполи.
Изборот на наследник на Гутиереш е закажан за почетокот на 2027 година, а мандатот на Инфантино во ФИФА исто така истекува следната година.
Засега не е познато каков е ставот на Џани за ваквата идеја на Трамп, но со оглед на послушноста што ја покажа кон американскиот претседател изминатиот период, тешко е дека сега ќе го одбие првиот човек на „Белата куќа“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
