Иницијативен одбор бара Вонредно собрание на МОК

Македонскиот олимписки комитет тргна во ревизија на статутите на спортските федерации во Македонија во обид за нивно усогласување со меѓународните организации и измена на регулативата на Законот за спорт,  а сега се појави Иницијативен одбор од 18 федерации кој бара Вонредно собрание на МОК и уредување на односите и состојбите во олимпискиот спорт во државата.

До јавноста е испратено соопштение во кое е наведена поддршка од 18 федерации, кое сепак не е поткрепено со потписи од овластените лица и со печати од федерациите.

Иницијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет, за активностите и случувањата, до спортската и пошироката спортска јавност го дава следното С О О П Ш Т Е Н И Е

Инцијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет, во изминативе денови имаше средби со челниците на Македонскиот олимписки комитет во насока на уредување на односите и состојбите во олимпискиот спорт во Република Северна Македонија, во кои се наталожиле и го запираат развојот на спортот во изминативе дваесетина години.

За жал Инцијативниот одбор наиде на неприфаќање и игнорантски однос, поради што нема и конкретни резултати и подготвеност за соработка. Затоа, Инцијативниот одбор за уредување на односите во Македонскиот олимписки комитет, за инцијативата го запозна Меѓународниот Олимиски Комитет, Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за млади и спорт и побара од Македонскиот олипмиски комитет, согласно Олимписката повелба, законот и Уставот на Република Северна Македонија, да закаже Вонредно легитимно Собрание на Македонскиот олимписки комитет, со барање мнозинството на Собранието на Македонскиот олимписки комитет да биде составено од федерациите од олимписките спортови.

Во прилог на Соопштението, ја доставуваме и Инцијативата и барањето за Вонредно легитимно Собрание на Македонскиот Олимиски Комитет, побарано и поддржано од: Боксерската, Атлетската, Боречката, Спортско Стрелачката, Карате, Бадминтон, Кајакарската, Пинг-понгарската, Шаховската, Велосипедската, Мечувалечката, Коњичката, Едриличарската, Триатлонската, Скијачката, Одбојкарската, Хокеарската и Спортско качувачката федерација, со определба спортот во Македонскиот олимписки комитет да го водат и креираат спортистите и спортските работници.

Инцијативата е поддржана и од голем број на национални спортски федерации од неолимписките спортови, олимпијци, врвни спортисти и спортски работници.

ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР

 

Се вчитува...