Интензивирани „акциите“ за спас на Вардар: Средби Шилегов – Самсоненко и „Комити“ – Самсоненко

Интензивирани се активностите деновиве за изнаоѓање решение за спас на најтрофејниот македонски клуб. Како што дознава ЕКИПА, веќе е иницирана средба меѓу градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и досегашниот сопственик на Вардар, Русинот Сергеј Самсоненко која треба да биде реализирана денеска или утре. Но, за утре е закажана и средба на најверните вардарови навивачи „Комитите“ со Самсоненко. На средбите треба да се разгледаат сите опции за итно надминување на главниот проблем кој е пречка за повторно враќање на ФК Вардар во сопственост на Град Скопје, огромните долгови наталожени од Самсоненко и неговото раководство во оставка.

Прославени клупски легенди како и поранешни истакнати функционери на ФК Вардар, а поддржани од „Комитите“ и симпатизерите на клубот, ја предводат групата која изминатиов период е во интензивни разговори со моменталното раководство на Вардар, како и со надлежни институции за изнаоѓање на што побрзо решение и стабилизирање на Вардар. Токму во таа насока, од нивна страна, е и иницирана средбата меѓу Шилегов и Самсоненко која деновиве се очекува да ги искрастилизира нештата за изнаоѓање решение за стабилизација на „црвено-црните“.

Вардаровите легенди потенцираат дека веќе е неопходно не само да се дојде до решение, но неопходно е да се дојде до брзо решение затоа што Вардар го губи и единствениот ‘капитал’ кој му остана – фудбалерите, кои заминуваат од клубот или најавуваат заминување доколку ситуацијата не се реши наредниве денови. Но, јасно е дека се е во рацете на Самсоненко кој мора ФК Вардар да го врати со чиста сметка.

Како што дознаваме, вардаровите легенди со поддршка и на навивачите, изминатиов период имале и директна средба во клубот и на барање на ФК Вардар обезбедија услови клубот да го искористи ваучерот од 170.000 евра. Но кога сето тоа било обезбедено, а во што помогнал и Дарко Панчев со отстранување на извршното решение за блокада, Самсоненко и раководството во оставка не го извршија својот дел од обврската, па играчите се уште се без исплата на заостанатите обврски.

Oбидите за стабилизација на клубот и расчистувањето на долговите се во насока на отворање пат и за влез на идни финансиери во клубот. Паралелно со сето тоа, за утре е најавен и старт на подготовките на тимот, предводен од Филип Ивановски, Никола Глигоров и Златко Таневски, а со фудбалерите кои се останати во клубот.

Се вчитува...