Интер без пот ја растури Бреша

Интер премногу лесно и убедливо ја совлада Бреша со 6-0, останувајќи во игра во трката за највисок пласман во Калчо-лигата. Тренерот Конте реши на овој дуел да ги одмори Лукаку и Ериксен изоставувајќи ги од стартниот тим, но отсуството на двете големи „ѕвезди“ воопшто не се почувствува во играта на Интер, пред се поради одличното издание на Алексис Санчез.

Чилеанецот најпрвин му асистираше на Ешли Јанг при водечкиот гол на самиот почеток, а потоа самиот зголеми на 2-0 со прецизно изведен пенал, откако Мозес беше соборен во гостинскиот шеснаесетник. Алексис учествуваше и во акцијата при третиот погодок што беше дело на Амброзио, а чилеанскиот напаѓач потоа асистираше и при четвртиот гол за Интер, што со прецизен удар со глава го постигна Галјардини.

И покрај убедливото водство Конте на средина од второто полувреме ги уфрли Лукаку и Ериксен, а токму Данецот беше стрелец на петтиот погодок, за печат на победата на „нероаѕурите“ со шестиот погодок на мечот да стави Кандрева во 88. минута.

Се вчитува...