Интер има план – Перишиќ си оди, доаѓа Караско

Интер две години одолеваше на налетите на Манчестер Јунајтед за Иван Перишиќ, но со доаѓањето на Марота на директорската функција сега се промени и стратегијата на „нереоаѕурите“. Последните информации од Италија велат дека новиот директор дал зелено светло за заминување на хрватскиот крилен офанзивец, но само доколку за неговите услуги добие 50 милиони евра.

На „нероаѕурите“ не им одговара фактот дека Жозе Мурињо не е повеќе на чело на Манчестер јунајтед, со оглед на фактот дека Хрватот беше желба токму на португалскиот стратег, а Солскјер воопшто не размислува на Перишиќ како опција за овој преоден рок. Првата понуда ја подготви Арсенал, но за позајмица до крајот на сезонава, со можност за откуп во текот на летниот преоден рок за 40 милиони евра.

Останува да се види дали некој од останатите заинтересирани клубови ќе се согласи да ја плати оваа сума за Перишиќ, со што Марота би имал пари за маневар во преговорите за Јаник Караско.

Екс-фудбалерот на Атлетико Мадрид е несреќен во Кина и бара трансфер назад во Европа, понуда веќе испрати Милан, но во таборот на Интер се оптимисти дека ќе успеат да го надмудрат градскиот ривал во оваа трка. Цената на Караско изнесува 30 милиони евра, а Марота се надева дека ќе успее да ги убеди Кинезите да дозволат позајмица за следните пет месеци, со загарантиран трансфер во текот на летниот преоден рок.

Се вчитува...