Интер ја спушти цената за Лаутаро Мартинез

Лаутаро Мартинез е цврсто решен да не потпише нов договор со Интер во обид да издејствува заминување од „Џузепе Меаца“, но „нероаѕурите“ имаат проблем – ниту еден клуб не нуди ни приближно пари на клаузулата од 111 милиони евра за ангажман на аргентинскиот голгетер. Директорот Марота се надеваше дека ќе го убеди Мартинез да остане, му понуди двојно повисока плата од актуелната, но откако доби децидно „НЕ“, управата на Интер почна да се подготвува за продажба на Аргентинецот.

Весникот „Кориере дела сера“ најавува дека Интер ќе мора да го продаде Лаутаро за да има позначаен буџет за засилувања летово, поради што ја спуштил цената од 111 милиони на 90 милиони евра. Барселона покажуваше сериозен интерес за Мартинез, но каталонскиот гигант нудеше по двајца фудбалери во пакет за да ја спушти цената, опција што не им одговараше на „нероаѕурите“.  Намалувањето на сумата што Интер ја бара е шанса за Барса, но претседателот Бартомеу веќе ставил до знаење дека за ваков мегатрансфер најпрвин ќе мора да го продаде или Кутињо или Дембеле.

Мартинез беше резерва на последниот меч на Интер, при ремито со Верона, но Аргентинецот ќе се врати во стартниот состав за пресметката со Торино, за кога Конте нема да може да смета на Ромелу Лукаку.

Се вчитува...