Интер „пресече“ – Инзаги останува на клупата

Симоне Инзаги нема да добие отказ од клупата на Интер откако екс-тренерот на Лацио ја доби довербата на целокупната управа на чело со претседателот Жанг. Кризата на „нероаѕурите“ се продлабочи по последниот пораз на Удинезе, директорот Марота се уште му даваше поддршка на Инзаги, но се стравуваше дека кинескиот газда би можел да има поинаков став и да го смени тренерот.

Сепак, тоа не се случи, Жанг во текот на вчерашниот ден пристигна во Милано, по што имаше состанок во четири очи со шефот на стручниот штаб. Тој му изразил поддршка на Симоне Инзаги дека е вистинскиот човек за да го извлече Интер од кризата, нешто за што голем плус сигурно ќе му биде камбекот на Ромелу Лукаку по репрезентативната пауза.

Интер моментно се наоѓа на седмото место на табелата, со пет бода заостанување зад водечките Наполи и Аталанта. Притисокот врз Инзаги останува, ако се знае дека во следното коло на домашен терен ја пречекува Рома, а веднаш потоа следи и дуел од Лигата на Шампионите против Барселона.

Доколку игрите и резултатите на овие натпревари не бидат на очекуваното ниво, за очекување е ставот на управата да се промени, а Инзаги да си замине од „Џузепе Меаца“.

Се вчитува...