Интер со едно моќно полувреме ја реши Сампдорија

Фудбалерите на Интер триумфално ја продолжија сезоната во Калчо-лигата, славејќи со 2-1 на домашен терен против Сампдорија. „Нероаѕурите“ одиграа импресивно прво полувреме во кое го растурија противникот, создаде пет-шест одлични шанси и постигнаа два прекрасни гола, па и покрај падот на ритамот во вторите 45 минути сепак избраниците на Конте заслужено освоија три бода, со кои се приближија на „минус шест“ од лидерот Јувентус.

„Нероаѕурите“ од самиот почеток наметнаа моќно темпо што гостите немаа шанса да го следат, се редеа шанси во шеснаесетникот на Сампдорија, а двата погодоци беа резултат на извонредни тимски акции. Најпрвин Лукаку погоди за водство од 1-0 по извонредната асистенција на Ериксен, а потоа Белгиецот ја почна акцијата по  која Кандрева го проигра Лаутаро Мартинез, а аргентинскиот ас немаше тешка задача да ја затресе мрежата на Сампдорија.

На стартот од вториот дел Интер промаши шанса за трет погодок, а казната стигна на спротивната страна откако по еден корнер од левата страна и одбиена топка од гредата таа стигна до Торсби, кој со многу среќа ја смести во мрежата на Хандановиќ. По примениот погодок „нероаѕурите“ ја загубија сигурноста во играта, Сампдорија со пресинг им создаваше многу проблеми на избраниците на Конте, но фаворитот сепак ја задржа предноста до самиот крај, за заслужен триумф на првиот меч од Калчо-лигата по паузата поради коронавирусо.

Се вчитува...