ИНТЕРВЈУ – Живко Мукаетов: РК Алкалоид е проект со најчесни намери, за додадена вредност на мак-ракометот!

ЕКИПА по повод десетгодишнината од постоењето доделува и низа благодарници до луѓе кои во изминатиот период даваат безрезервна долгогодишна поддршка за развој на македонскиот спорт.

На врвот на листата дефинитивно е Живко Мукаетов, прв човек на компанијата Алкалоид, кој не само што раководи со Ракометната Федерација на Македонија, туку во изминатиот период несебично помага и на бројни колективи во најразлични спортови….

„Општествената одговорност е дел од 85-годишната традиција на „Алкалоид“. Логото и слоганот на компанијата биле дел од многу проекти од сферата на здравството, фармацијата, медицината, културата и јавниот живот воопшто, но чинам дека спортот во „Алкалоид“ има најдолга историја и богата традиција. Децении наназад, компанијата помагала и помага разни спортски колективи. Покрај 40-годишната традиција со шаховскиот клуб, „Алкалоид“ има помогнато многубројни спортски друштва во рамките на компанија, а надвор од тоа и бројни клубови и федерации. Би ги споменал ФК „Скопје“, порано бевме и во женскиот ракометен клуб „Скопје“; извесен период бевме спонзори и на ФК „Вардар“, потоа на кошаркарските репрезентации, долги години помагаме и на Одбојкарската федерација, пред некоја година бевме спонзори и во таеквондо, на нашиот олимписки вицешампион Дејан Георгиевски“ – го почнува Живко Мукаетов разговорот за ЕКИПА.

Тој веќе трет мандат со огромен успех раководи со Ракометната Федерација на Македонија, која неколку пати ги добиваше признанијата за најуспешна спортска федерација.

„Гледајќи ја големата слика, јас сум задоволен од она што досега го испорачавме како раководна структура на Ракометната Федерација на Македонија. Сметам дека има значаен квалитативен напредок во многу сфери, пред сѐ од организациски аспект, од аспект на примена на нови технологии, систематско работење со младите категории и ред други придобивки“ – вели Мукаетов.

Според успешниот бизнисмен, вложувањата мора да почнат уште од младите спортски категории, а свој придонес мора да даде и државата, за стимулирање на децата кон спорт уште во самиот образовен процес

„Долги години наназад, ние како држава, немаме дефинирана стратегија за развој на спортот, а кога зборуваме за врвен спорт, мора да почнеме од основата: од најмладите категории кои се базата за иден професионален раст и развој. Не само што јавната свест за значењето на спортот кај младите, е на релативно ниско ниво, многу мало внимание се посветува на часовите по физичко воспитување, каде всушност треба да се идентификуваат талентите. Токму училиштата треба да бидат главната база од која ќе се црпат таленти, со кои понатаму посветено, систематски и системски и ќе се работи. Сѐ додека немаме издржана и одржлива стратегија за развој на спортот, не може да очекуваме дека ќе имаме врвен спорт. Со чест на исклучоци, кај нас тој товар паѓа на родителите, кои поради недостаток на време или средства најчесто не се во можност да ги развиваат и правилно да ги насочуваат младите спортски таленти“ – објаснува Живко Мукаетов.

Од летово компанијата „Алкалоид“ се вклучи и во клупскиот ракомет, стартувајќи го сопствениот проект РК „Алкалоид“ кој се натпреварува во Првата лига и не знае за пораз во досегашниот дел од сезоната.

„Повеќе од осум години наназад, како Федерација, се обидувавме на разни начини и во разни форми да се наметнеме кај македонските клубови за правилно насочување, посветена работа и форсирање на терен на македонски играчи. Но, како станува збор за приватни ентитети кои сами си ја креираат својата политика и откако не наидовме на сесрдно разбирање; се оствари проектот за ракометен клуб „Алкалоид“ чија цел ќе биде младите македонски ракометни таленти правилно да ги насочи и моделира според дефиниран систем на функционирање, посветена работа и вистински спортски и животни вредности. Идеjата со ракометниот клуб, за сега, не е да се трча по резултати, туку да наметне систем на вредности од кои корист единствено ќе има националниот тим и сите тие деца кои се или ќе бидат дел од клубот“.

Целите што се поставени пред РК „Алкалоид“ се долгорочни, овој клуб да развива млади играчи кои подоцна би го облекле и дресот на македонската репрезентација.

„Со самото тоа што сме нов клуб, јасно ни е дека ќе треба да помине време за да напредуваме на секое поле, но јас сум убеден дека РК „Алкалоид“ од година во година ќе расте, ќе зрее и неговата база ќе се шири. Во моментов имаме 14 регионални школи, голем број деца, интересот е огромен, имаме родители кои го препознаваат проектот, сакаат нивните деца да бидат дел токму од РК „Алкалоид“. Наше е таа нивна доверба да ја оправдаме“ – задоволен е од почетокот на клупскиот проект Живко Мукаетов.

Првиот човек на мак-ракометот потенцира дека новоформираниот клуб е создаден за добро на мак-ракометот.

„Сакам јасно да кажам дека она што го работи РК „Алкалоид“ е со најчесни намери, од аспект на создавање на една додадена вредност за македонскиот ракомет, пред сѐ. За тековното ЕП2022, тројца ракометари на клубот ги минаа сите филтри на селекција и се приклучија на националниот состав, па во однос на неиздржаните „опаски“ врзани со овој проект би рекол само дека времето ќе покаже колку истиот ќе биде корисен за македонскиот национален тим“.

Кој е вашиот став за настапот на Македонија на ЕП 2022, што беше на посакуваното ниво, а што можеше да се направи и подобро?

„Многу е лесно позади мониторот да се биде тренер, ракометен ‘експерт’, коментатор или аналитичар… ОК, секој има право на свое мислење или став, но интернетот не е место каде истите треба да се изнесат ако сметате дека се издржани. Веќе трет мандат како сум во Федерацијата никој, вон раководството и луѓето ангажирани во стручниот штаб, не пристапил во оваа легитимна институција со издржана идеја или концепт ставени на хартија или пак било каква стратегија околу надминување на некаков проблем. Лесно е да се истури гневот на тастатурата, но дали тоа некому ќе помогне. Не, напротив. Се ствара дополнителен стрес, негативен притисок и непотребен товар кај носителите на игра кои и онака имаат голема одговорност пред себе и кон националниот дрес кој со гордост го носат“.

„Лично, не сум задоволен од пласманот на нашата репрезентација на тековното ЕП2022 и сметам дека можевме подобро! Ова првенство беше предизвик од неколку аспекти. На самиот почеток, моравме без невакцинираните, се случија и повредите на Дејан Манасков, позитивните Ковид-19 тестови на неколку играчи пред самото поаѓање за Унгарија, па следеше и повредата на Лазаров. На мечот со Црна Гора, посебно недостасуваше Стоилов со својот квалитет, борбеност и лидерство“, додава првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија.

Еден од факторите за слабиот резултат беше и подмладувањето на репрезентацијата…

“На ова првенство се случи подмладувањето на А-тимот. Имавме десетмина официјално пријавени ракометари на делегациската листа од генерациите 2000-2004, регрутирани од младинските селекции при РФМ. Тие релативно добро се носеа со предизвикот. Штета што најдобриот македонски ракометар на сите времиња, селекторот-капитен Лазаров не можеше да излезе на терен со оваа постава, но верувам дека ќе има прилики за тоа! За некоја година, со посветена работа и искуството кое ќе го соберат на терените, убеден сум дека овие млади играчи во континуитет ќе бележат добри резултати. Генерацијата на Кире, од дебито во Египет во 1999 па до Светското првенство во Хрватска во 2009, само еднаш се пласираше на големо натпреварување, а од 2012-та до денес не промашивме учество на ниту едно континентално или светско првенство“.

Од моја страна, после девет години инвестирани ресурси, знаење и енергија, можеби е време раководната позиција во РФМ да ја превземе личност која ќе има желба, визија и стратегија и понатаму квалитетно да го развива македонскиот ракомет, а убеден сум дека таква личност во управниот одбор на Федерацијата има. Од позиција на компанија покровител на ракометниот клуб „Алкалоид“, јас секако, со истиот ентузијазам, активно ќе продолжам да придонесувам за развој на македонскиот национален спорт број 1! – порачува Живко Мукаетов.

Остануваат две неисполнети желби на првиот човек на РФМ кога станува збор за машкиот национален тим.

„Секогаш има моменти за кои жалите и за кои верувате дека се можело подобро. Во ракометот, за мене тоа се квалификациите за ОИ во Рио што ги игравме во Гдањск и европскиот шампионат во Хрватска, каде по одличите настапи не успеавме да се вмешаме во борба за историски пласмани. Но амбицијата, желбата и надежта не смеат да запрат, а до историски пласмани се стигнува со посветена, континуирана, квалитетна работа и огромни заложби“ – останува оптимистички расположен Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија.

Се вчитува...