Поранешниот хрватски прволигашки судија и актуелен ВАР арбитар Тихомир Пејин во петокот рано наутро беше брутално нападнат во Осиек. Пејин, кој воедно е и директор на Аеродромот во Осиек, по нападот бил пренесен во Клиничкиот болнички центар во Осиек, каде му била укажана лекарска помош.
Според информациите од полицијата, околу седум часот наутро во улицата „Вилсонова“ бил пронајден 43-годишен маж како лежи претепан на коловозот. По излегувањето на местото на настанот, полицијата утврдила дека станува збор за Тихомир Пејин.
„Не знам зошто бев нападнат, ниту кој ме нападна. Се надевам дека полицијата ќе ги пронајде напаѓачите“, изјавил кратко Пејин за хрватските медиуми.
Според сведоците, Пејин секое утро трчал по истата рута, а токму таму го чекале двајца маскирани напаѓачи. Едниот се движел со електричен тротинет и носел мотоциклистичка кацига, додека другиот трчал зад Пејин со маска на лицето.
Кога го стигнале, двајцата извадиле телескопски палки и почнале да го удираат по телото. Пејин паднал на асфалтот, а напаѓачите продолжиле да го клоцаат додека лежел. Нападот се случил во близина на стариот стадион „Градски врт“ и траел само неколку секунди.
Нападот бил прекинат кога на местото поминал автомобил. Возачот почнал да свири со сирената, што ги вознемирило напаѓачите, кои веднаш побегнале. Жителите од околните куќи излегле на улица и му помогнале на Пејин, по што биле повикани Итната медицинска помош и полицијата.
Полицијата започна истрага за случајот и трага по двајцата напаѓачи, а мотивот за нападот засега не е познат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
