Искуството ја совлада младоста – Гостивар сигурен против МЗТ 2

Гостивар им се врати на победите откако на домашен терен во 11. коло славеше над МЗТ Скопје 2 со 78-62. Младиот состав од Аеродром одигра одлично прво полувреме, меѓутоа искусниот тим на гостиваци не дозволи изненадување со добрата игра во вториот дел од натпреварот.

Натпреварот започна со изедначено темпо на двете страна од паркетот па двата тима постојано го менуваа водството. Високата реализација од поле кај двата тима носеше стаблност во нападот, а благодарение на подобрата игра во самата завршница МЗТ Скопје беше оној кој поведе со „плус“ шест (23-29). Во продолжението од првото полувреме Гостивар заигра подобро во одбраната каде најде решение за расположениот Савичевиќ кој во првите десет минути постигна десет коша, а високите играчи на домаќините продолжија да создаваат проблеми во рекетот на нискиот состав од Аеродром. МЗТ Скопје се одржуваше во игра благодарение на скокот во напад, каде сјаен беше Монтгомери, но не успеа да го задржи високиот напаѓачки ритам па на полувремето Гостивар поведе со 43-37.

Гостивар одлично го отвори второто полувреме. Избраниците на Србиновски одиграа добро во одбраната, која го примора младиот состав од Аеродром на изгубени топки, а искусните играчи во таборот на гостиварци тоа го користеа на спортивната страна од паркетот. Аеродромци немаа одговор за Костоски и Фрајдеј па по 30. минути игра домаќините „избегаа“ на предност од 68-53. Домашниот состав не успеа да ја изгуби високата предност во преостанатиот дел од натпреварот и покрај налетот на „штркчињата“ на средината од последната четвртина.

Најрасположен во домашниот тим со 20 поени и 6 асистенции беше Александар Костоски, додека новото засилување Џалон Фрајдеј додаде 16 поени и 8 скока. Кај гостите од Скопје прво име со 22 поени беше Лука Савичевиќ, додека Роберт Монтгомери додаде дабл-дабл учинок од 12 поени и 20 скока.

Се вчитува...