Историја е испишана: МЗТ Скопје 2 стигна до првата прволигашка победа

Историја беше испишана во „Јане Сандански“ откако младиот состав на МЗТ Скопје успеа да слави над Академија ФМП со 88-77, со што „штркчињата“ за прв пат славеа меѓу најдобрите екипи во мак-баскетот. Овој тим лани претрпе порази на сите натпревари, сезонава ја почна со серија порази, но избраниците на тренерот Даскаловски денеска се израдуваат на првиот триумф.

Двата тима се мачеа со реализација на самиот почеток на натпреварот. Агресивната одбрана на „штркчињата“ над бековската линија на Академија ФМП создаде проблеми за избраниците на Петровиќ, кои пак благодарение на добрата игра во транзиција и офанзивниот скок прво се одржуваа во игра, а потоа и поведоа со 17-20 по првите десет минути. Одбраната беше во прв план до крајот на првото полувреме. Избраниците на Даскаловски трчаа добро во транзиција и ги користеа промашените шута на гостинскиот состав па набргу заминаа на предност од 29-22, меѓутоа по тајмаутот на Петровиќ, Академија ФМП ја стабилизираше својата игра. Гостите од Кисела Вода поентираа преку високите играчи и во рекетот на МЗТ Скопје па резултатски се вратија на негатива од два напада, но благодарение на шутот од далечина, „штркчињата“ на полувремето заминаа со предност од 38-32.

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме. Младите „штркчиња“ добро го бранеа рекетот, но тоа отвори можност за шут од далечина на противничкиот состав кој истото го искористи. МЗТ Скопје се мачеше да фати ритам во нападот, а благодарение на подобрата игра во самиот финиш на третата четвртина ја одржа предноста, која по 30 минути игра изнесуваше +4 (59-55). Избраниците на Даскаловски моментумот го пренесоа и во последната четвртина во која преку шутот за три поени стигнаа до двоцифрена предност (75-62) на пет минути до крајот на натпреварот, меѓутоа домашниот состав брзо го исполни и бонусот. Тоа го искористија гостите од Кисела Вода кои со зоната го нарушија нападот на „штркчињата“, а постигнуваа лесни поени од линијата за слободни фрлања па ја вратија едноцифрената негатива, меѓутоа тоа не беше доволно за целосно враќање во натпреварот. Избраниците на Даскаловски одолеаја на агресивната одбрана на Акадмеија ФМП до крајот на натпреварот, па се радуваа на двата бода, први во „елитата“.

Предводник на младиот тим на МЗТ Скопје беше Лука Савичевиќ со 21 поен и 3 асистенции, додека Роберт Монтгомери додаде „дабл-дабл“ од 19 поени и 20 скока. Како двоцифрени натпреварот го завршија и Максим Митевски кој додаде 15 поени и Дарио Митевски со 11 поени. Прв стрелец во редовите на Академија ФМП беше Теодор Атанасов со 18 поени и 4 скока, Рони Харис натпреварот го заврши со 17 поени и 4 скока, додека Стефан Крстајиќ додаде 15 поени и 6 скока.

Се вчитува...