Италија бара екстрадиција на Робињо за отслужување на казната 9 години затвор

Пензионираниот бразилски напаѓач Робињо, некогашната голема „ѕвезда“ на Реал Мадрид и на Милан, се соочува со проблем. Тој е осуден на девет години затвор поради силување, а италијанскиот суд му ја потврди казната. Тоа значи дека екс фудбалерот повеќе нема право на жалба, и одлуката стапува на сила веднаш. Италијанското министерство за надворешни работи веќе издаде барање за екстрадиција во Бразил.

Со Робињо, осуден е и неговиот пријател Рикардо Фалко. Во 2013 година двајцата учествувале во групно силување во милански ноќен клуб. Робињо е осуден пред пет години, но денеска е завршена жалбената постапка.

Според италијанскиот казнен закон, издржувањето на казната треба да почне веднаш. Проблем е што Робињо може да помине и без казната, со оглед дека Бразил ретко ги екстрадира своите државјани. Тоа би значело дека екс фудбалерот ќе биде на слобода, но не смее да ја напушти земјата.

Адвокатот на жртвата на Робињо кажа дека е сеедно дали Робињо ќе ја одлежи казната во Италија или Бразил, важно е само да биде ставен зад решетки.

Се вчитува...