Италијанскиот селектор ги тренира мечувалците на Македонија

Деновиве во Скопје престојува италијанскиот тренер по мечување Гвидо Марзари во рамките на проектот Европска солидарност кој е испратен од Европската мечувалечка федерација. Гвидо Марзари е еден од најпознатите тренери во Европа, тој беше селектор на италијанската репрезентација на трите последни Олимпијади и со мечувалците на Италија го има освоено златниот медал на Олимпијадата во Атланта.

Маестро Марзари во Скопје покрај спроведувањето на тренинзите со македонските мечувалци, ги пренесува своите знаења и на нашите тренери. Според неговите зборови, пријатно е изненаден од квалитетот на мечувањето во Македонија, кое има богата традиција  истакнувајќи дека имаме мошне талентирани мечувалци, особено кадети кои треба да продолжат интензивно да тренираат и што повеќе да настапуваат на силни меѓународни турнири, европскии светски првенства.

Впрочем, Марзари имаше можност да се увери во квалитетот на нашите кадети на последното Европско  првенство во Неапол во Италија. Македонските кадети Петар Дамјаноски, Огнен Бундалески, Матеј Тодороски и Павел Трпковски, по победата против репрезентацијата на  Белгија, за пласман во четвртфиналето, по голема борба минимално загубија токму од репрезентацијата на Италија. На ова првенство, кадетите на Македонија  беа најуспешни од сите балкански селекции.

 М.М

Се вчитува...