Изов: Црните облаци над женскиот фудбал во Македонија сега се минато

Женскиот фудбал во Македонија добива на популарност, а и резултатите не се така „црни“ како во минатото. Селекторот Кирил Изов е задоволен од постигнатото во 2019 иако вели дека секогаш може и подобро.

„На почетокот на годината, кога би направиле еден рекапитулар за 2019, сметам дека можам да бидам задоволен од постигнатото иако секогаш може и мора повеќе. Пријателски натпревари со Косово и Албанија беа добра подготовка за есенските квалификации. Морам да напоменам дека освен натпреварот со Србија, кој го изгубивме со висок резултат, според мене нереално со оглед на односот на силите на теренот, од другите три натпревари мораме да бидеме задоволни бидејќи двапати одигравме добро со фаворитот Австрија и го победивме Казахстан. После цели 7 години без победа тоа дава надеж и верба дека во пролетниот дел можеме и мораме да продолжиме во исто темпо и да ја оствариме нашата цел во овие квалификации, а тоа е избегнување на последното место во групата. Убеден сум дека имаме квалитет и сили за тоа“, вели селекторот на женскиот национален фудбалски тим.

Кирил Изов е уверен дека во 2020 ќе следат уште поуспешни резултати…

„Сигурен дека можеме уште подобро, мислам дека црните облаци кои беа надвиснати над репрезентацијата се веќе минато, оваа селекција се развива и ќе има уште убави моменти како по победата против Казахстан. Треба да се искористи моментот и таа позитивна атмосфера која владее меѓу девојките и стручниот штаб и да се даде уште поголема медиумска поддршка на фудбалеките кои покажаа дека имаат голем потенцијал во нив за да постигнуваат добри резултати.Исто така би ја споменал и поддршката од Фудбалската федерација на Македонија која со доаѓањето на Муамед Сејдини на нејзино чело се грижи условите во репрезентацијата да бидат на највисоко професионално ниво“, истакнува Изов.

Агендата на женската репрезентација во 2020 е сериозно исполнета.

„Од 14 февруари во Спортскиот центар Истатов во Дојран ќе го одржиме седумдневниот Зимскиот камп, потоа следат квалификациските натпревари на 6. март против Србија, на 10. април со Франција, на 3. јуни во Казахстан и за крај на овие квалификации, на 22 Септември затвораме со Франција на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Се надевам дека во слободните месеци ќе обезбедиме добри противници за пријателски натпревари, дека добро ќе се подготвиме о сите фудбалерки ќе ни бидат здрави и без повреди. Наш таргет за овие квалификации е избегнувањето на последното место во групата, верувам дека ќе го оствариме, што ќе биде добра основа за постигнување подобри резултати во наредните квалификации.“

Се вчитува...