Андреј Јакимовски одигра уште еден квалитетен меч за Тренто во Еврокупот, овојпат против екипата на Бешикташ на дуелот одигран во Истанбул што заврши со резултат 97-83 за „црно-белите“.
Тренто одигра квалитетно прво полувреме во кое токму со серијата на Јакимовски и неговите осум поени италијанската екипа за момент имаше и двоцифрена предност. Бешикташ, кој важи за еден од најдобрите тимови во Еврокупот сезонава, се врати експресно, а потоа во второто полувреме целосно го скрши отпорот на Тренто и стигна до заслужена победа.
Јакимовски беше меѓу најдобрите поединци во таборот на Тренто, Македонецот мина на теренот 22 минути, период во кој реализираше 12 поени, 6 скока и две украдени топки.
Одличниот крилен кошаркар во последните години не настапуваше за Македонија додека беше дел од НЦАА-лигата, но се очекува да има значајна улога кај селекторот Илиевски во ноемвриските претквалификации за Евробаскет 2029.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

