Селекторот на Швајцарија, Мурат Јакин, на прес-конференцијата во Скопје пред утрешниот натпревар меѓу Македонија и Швајцарија во првото коло од новата сезона во Б-дивизијата од Лигата на нациите, меѓу другото се осврна и на теренот на арената „Тодор Проески“.
Швајцарија последниот тренинг пред натпреварот го одработи утрово во Турција, по што допатуваа во Скопје, а една од причините за тоа била и состојбата на теренот на нашиот најголем стадион.
„На ваков терен не може да се игра фудбал, би бил среќен ако тревата биде искосена до утре. Кога ќе видите таков терен, со трева висока седум сантиметри, тогаш сте среќни што утрово трениравме во Турција“, рече селекторот на Швајцарија.
Но, и покрај тоа Јакин е убеден дека неговиот тим ќе одигра добро, затоа што на секој противник му пристапуваат максимално сериозно.
„Имаме доволно квалитет во тимот, и утре секој ќе даде максимум затоа што нема лесни противници и сите ги сфаќаме сериозно. Секако, ќе ги немаме на располагање Гранит Џака и Брил Емболо. Но, позитивни сме и ориентирани кон решенија“, рече Јакин на прес-конференцијата во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
