Јончевски: МЗТ Скопје ни е должник, со помош на гостиварци можеме до голема победа

Кошаркарите на Гостивар полни со оптимизам го очекуваат големото дерби со МЗТ Скопје, со желба да им се одмаздат на „металците“ за двата минимални порази во досегашниот дел од сезоната (еден во Првата лига и еден во Купот на Македонија). Победничката серија на гостиварци беше прекината со последниот пораз од ТФТ, но „сино-белите“ се подготвени за експресно враќање на победнички патеки, и тоа против актуелниот првак на Македонија.

Тренерот Алек Јончевски секогаш има дополнителен мотив во пресметките со својот поранешен клуб, со кој освои неколку трофеи.

„Очекувам квалитетна кошаркарска партија, верувам дека ќе успееме да стигнеме до триумф. МЗТ Скопје ни е должник, со овој тим одигравме два тесни натпревари што не успеавме да ги добиеме, верувам дека е дојдено времето за наша победа. Максимално сме фокусирани и мотивирани, а во прилог ни оди и фактот што МЗТ го очекува тежок турнир во АБА2 лигата, па верувам дека фокусот на противникот ќе биде насочен кон тие натпревари во Широки Бријег, додека ние со максимално ангажирана игра ќе сториме се за да победиме“, истакна Јончевски.

Стратегот на гостиварци не ја крие желбата да ги види трибините на салата „Младост“ исполнети до последно место.

„Ова беа долги две години, без публика или со ограничен број на гледачи. Сега гледаме како навивачите полека се враќаат на трибините, се уште не е таа препознатлива гостиварска атмосфера, но ние како екипа играме одлична кошарка и повторно ги придобиваме симпатиите на сите во градот. Верувам дека фановите ќе го препознаат она што го правиме и како и до корона-кризата, салата ќе биде исполнета на сите натпревари, почнувајќи од дербито со МЗТ Скопје“, вели тренерот на Гостивар.

Се вчитува...