Во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ гостин е поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз, долгогодишен фудбалски работник, член на македонските Вардар и Работнички од нивните славни денови, но и на бројни клубови во поранешна Југославија и во Грција.
Меѓу бројните теми се осврнува и на периодот на неговото селекторување во периодот од 2009 до 2011 година.
Јонуз открива дека тогаш репрезентацијата немала ниту 10% услови за работа како што има сега, немале ни свој терен, ни термини за тренин, а бил под постојани закани, навреди, критики и клевети и од медиумите.
„А, се беше лага тоа што се пишуваше по медиумите. Ние сме народ кој што сме светски шампиони по плукање и тие, тие плукачи јас точно ги знам кои беа, што правеа и што сакаа да направат. Јас кога бев селектор со млада и со А-епрезентација немав каде да тренирам. Па ги носев играчите по Ергеле, па на Скопје стадионот, па ги молев на Шкупи стадионот, па на Работнички, па немаше услови, па соблекувални, нема ништо… И, не му посакувам на ниту еден тренер да го мине, тоа јас што сум го поминал. Значи такви притисоци, такви закани, такви опструкции, специјални емисии се правеа како да сум јас најголемиот криминалец. Сега никој не ги опструира, никој му нема ниту еден текст напишано против, само некои коментари, но тоа апсолутно ништо не е. Мене ми се јавуваа и по телефон, па закани, па скриени броеви, па да речеме доаѓаа во фабрика кај мене инспекции“ – вели Јонуз и дополнува:
„Па измислуваа дека сум земал пари од фудбалери, дека сум бил менаџер… Но, тоа ништо не е вистина, затоа што не можеше никој да пријде до мене. А, знаете зошто? Затоа што јас од 2002 година, и пред тоа шест години, сум независен финансиски, бизнис-човек кој што врти да речеме одишно два-три милиони евра, така да нема шанса да пријдат кај мене. Тоа цела Македонија го знае!“
Нели ви доаѓаше некогаш, по сето тоа, да кажете доста е и од фудбал, и од се!?
„Не! Знаеш зошто? Затоа што си чист. Јас сум име кое бил истакнат фудбалер во поранешна Југославија со настапи пред 50.000 народ, пред 30.000 народ, кој знае што е фудбал и љубовта кон него. И никогаш не ми дошло преку глава, затоа што фудбалот е болест. Не можеш да се откачиш така лесно од него!“ – вели поранешниот македонски селектор.
==============================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
