Македонските кадетски репрезентативци не успеаја да ја продолжат серијата на победи во групата „Д“. Беа сопрени од физички посилната селекција на Естонија, која на крајот стигна и до убедлива победа со која дојде поблиску до пласманот во четвртфиналето.
Поразот пак ја одалечи нашата селекција од планираното, но шансите се тука, постојат. Селекторот Александар Јованчев се осврнува на она што се случуваше во текот на тие 40 минути од дуелот со селекцијата на Естонија.
„Естонија физички доминираше во текот на натпреварот. Постигнаа дури 20 поени од т.н. ‘втора шанса’. Повторно имавме проблем со скок играта. Успеавме да играме нерешено 18 минути при што не реализиравме и пет слободни фрлања, и противникот замина на полувреме со плус 10. Во вториот период излеговме од ритам и не успеавме да се вратиме во натпреварот“ – кратко анализира Јованчев.
Нема ни многу време за дополнителни анализи затоа што вечерва следува нов натпревар. Од 18.30 часот во СРЦ „Кале“ ќе ги одмериме силите со репрезентацијата на Австрија, која синоќа стигна до изненадувачки убедлив триумф над Украина.
Пред овој последен круг ситуацијата во групата „Д“ вели дека три селекции се во „трка“ за две места кои водат понатаму, кон четвртфиналето. Многу важен за кадетскиот национален тим, извесно, ќе биде исходот од натпреварот кој го играат репрезентациите на Шведска и Естонија.
Јованчев гледа само кон она што е пред нашата селекција – дуелот со Австријците.
„Нема простор за разочарување, нашите мисли се веќе кон Австрија. Евентуален триумф на Естонија над Шведска ќе нė стави во позиција сами да одлучуваме за нашата судбина“– смета селекторот пред мечевите на одлука во нашата група на шампионатот во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА