Јовановски претставен во Градски парк: ‘Трета мајка’ со Работнички…, се надевам среќна!

Поранешниот македонски селектор Ѓоре Јовановски попладнево ја имаше официјалната промоција пред фудбалерите на Работнички како нов кормилар на еден од најтрофејните македонски клубови.

Јовановски по третпат се враќа на клупата на „романтичарите“ сега во обидот за излез од резултатската криза и враќање на тимот во битката за европски излез…

„Ова ми е ‘трета мајка’ во Работнички и се надевам дека ќе биде успешна. Се враќам во добро позната средина. Одлично го познавам и актуелниот состав на тимот, знам дека има навистина квалитетни фудбалери. Верувам дека е и добро работено од страна на мојот претходник па затоа нема да донесам некои радикални промени но ќе се обидам да влијаам пред се повеќе од психолошки аспект на играчите во надеж дека ќе постигнеме наредниот период добри резултати“ – ни изјави Јовановски.

Првиот меч на клупата на „црвените“ Јовановски ќе го има против директниот конкурент за третата позиција на табелата, веќе в сабота против Силекс.

„За мене секогаш во кариерата буквално секој натпревар бил важен. Но, мора да признам дека овој против Силекс во сабота е навистина повеќе од значаен за нас. Преку него ќе видиме дали ќе остане можност за битка за остварување на целите на клубот и пласман на европската сцена“ – истакнува старо-новиот стратег на Работнички.

Се вчитува...