Јулија Ефимова и Симона Квадарела до нови европски титули на ЕП во пливање

Руската пливачка Јулија Ефимова го освои и второто европско злато на континенталниот пливачки шампионат во Глазгов откако денеска триумфираше на 200 метри градно. Таа претходно славеше и на двојно пократката делница во оваа дисциплина. Среброто го освои Шпанката Џесика Вал Монтеро, а бронзата британската пливачка Моли Реншо.

Злато за Русија освои и Анастасија Фесикова која беше најдобра на 100 метри грбно. Зад неа останаа сребрената Британка Џорџа Дејвис и бронзената Италијанка Карлота Зофкова.

До второ европско злато дојде и Италијанката Симона Квадарела, таа денеска триумфираше на 1.500 метри слободно. Претходно славеше на 800 метри слободно.

Добриот ден за британското пливање почна со Џорџа Дејвис, а потоа успехот го зголемија Данкан Скот кој славеше на 200 метри слободно, како и штафетата 4 x 200 метри слободно во женска конкуренција. Квартетот од Британија беше поуспешен во битката за медалите од конкурентките од Русија кои завршија со среброто, и од четворката на Германија која се закити со бронзата.

Се вчитува...