Јуниорите испаднаа од елитата – пораз од Хрватска на клучниот меч во Измир

Јуниорската репрезентација на Македонија не успеа да обезбеди опстанок во А-дивизијата од европскиот шампионат што се одржуваше во Измир, откако избраниците на селекторот Тони Симиќ попладнево го загубија клучниот меч со Хрватска со резултат 59-72. Овој неуспех значеше дека Македонија го освојува само 14.место на шампионатот, пласман со кој нашата селекција заедно со Велика Британија и со Црна Гора од следната година се сели во понизок ранг на натпреварување.

Дуелот почна одлично за нашите млади кошаркари, нападот фукционираше беспрекорно, шутевите од далечина беа прецизни, па набрзина стигнавме и до водство од 17-9. Хрватите се консолидираа до крајот на четвртината, намалувајќи на 19-15, за потоа „коцкестите“ да заиграат далеку подобро во одбраната во вториот период. Во овие десет минути македонските кошаркари постигнаа само седум поени, па не само што ја загубија предноста од првата четвртина, туку на одмор заминаа со негатива од 35-26. „Црвено-жолтите“ сосема солидно одиграа голем дел од третата четвртина, ја намалија разликата на противникот, но потоа пад на коцентрацијата во финишот од четвртината придонесе Хрватска повторно да се одлепи и во последните десет минути да се влезе со водство на „коцкестите“ од 54-46.

Противникот на самиот почеток од последната четвртина стигна до двоцифрено водство (57-46), што Хрватска знаеше како да го задржи до самиот крај и конечните 72-59, за опстанок на „коцкестите“ и испаѓање на Македонија во понизок ранг на натпреварување.

Тео Симиќ забележа нов дабл-дабл од 21 поен и 12 скокови, по 14 поени постигнаа Димитриевски и Бошалески, премалку за да се избегне пораз на овој значаен натпревар.

Се вчитува...