Јуниорите не ја даваат Гевгелија – преку Црна Гора до прво место на меморијалниот турнир „Боби Петковски“

Македонската кошаркарска репрезетнација до 18 години го освои меморијалниот турнир „Боби Петковски“ што се одржа овој викенд во Гевгелија. По победите над Грција и Бугарија, денеска нашите јуниори ја победија и Црна Гора со 65-57 во натпревар во кој имаа целосна контрола.

Црногорците парираа на теренот само во воведните минути по што следеше одлична игра на избраниците на Симиќ кои водството од 16-11 по првите 10. минути го зголемија на 36-26 на полувремето. Добрата игра продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое беше достигната и највисоката преднсот од 20 поени (53-33), но опуштањето во последната четвртина црногорската репрезентација го искористи за намалување на негативата.

Предводник на Македонија со 24 поени и 9 скока беше Теодор Симиќ, 13 поени и 5 асистенции додаде Андреј Шошкиќ, додека со 8 поени и 8 скока мечот го заврши Петар Бошалевски. Лидер на Црна Гора со 14 поени и 3 скока беше Игор Јоковиќ.

По завршувањето на турнирот во Гевгелија, нашата репрезентација продолжува за Дарувар, каде на 19. и на 20.јули, ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на Хрватска.

Се вчитува...