Јуниорите немоќни на стартот од ЕП против Израел

Јуниорската репрезентација на Македонија со пораз го почна настапот на Европското првенство за кошаркари до 18 години, губејќи на дуелот со Израел со убедливи 79-70. „Црвено-жолтите“ ја имаа аутсајдерската улога во пресрет на овој меч, без оглед на тоа успеваа три четвртини сосема солидно да му парираат на фаворитот, кој сепак успеа целосно да се одлепи во последните десет минути и да осигура триумф од девет поени разлика.

Избраниците на селекторот Симиќ по првата четвртина имаа и предност од 15-18, но Израел потоа заигра фуриозно во нападот, постигна 27 поени само во втората четвртина и го сврте резултатот во своја полза, на одмор заминувајќи со водство од 42-36. Израелците во третиот период стигнаа до двоцифрено водство, но Македонија успеа да се врати и по тројките на Бошалевски и на Шошкиќ, во последните десет минути се влезе со предност на противникот од достижни 58-53. Нашата селекција имаше и прв напад во четвртата четвртина, но нападот во воведните минути беше далеку од посакуваното ниво, а противникот го искористи тоа за да се одлепи резултатски и да го контролира мечот до самиот крај.

Симиќ оствари дабл-дабл од 25 поени и 12 скока, Шошкиќ реализираше 18 поени, осум скока и четири асистенции, а двоцифрен беше и Бошалевски, со 10 постигнати поени и 9 скокови.

Македонија во второто коло ја очекува уште потешка задача, ако се знае дека утре за ривал нашите млади кошаркари ќе ја имаат Франција, еден од најсериозните кандидати за трофејот на шампионатот што се одржува во Измир.

Се вчитува...