Јуниорите прокоцкаа „плус 17“ и загубија од Австрија

Јуниорската репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Португалија откако подобри од нашите млади кошаркари попладнево беа репрезентативците на Австрија, триумфирајќи со 74-77. За разлика од вчерашниот убедлив пораз oд Велика Британија, јуниорите на „црвено-жолтите“ овојпат многу повеќе ќе жалат бидејќи имаа предност во голем дел од мечот, прокоцкувајќи огромни 17 поени разлика.

Дуелот почна израмнето, но Македонија со три тројки во низа успеа да се одлепи и да ја заврши првата четвртина со водство од 31-19. „Црвено-жолтите“ потоа одлично почнаа и во вториот период, поведоа со 17 поени, но потоа дојде до огромен пад во концентрацијата. Како што минуваше времето, така предноста се топеше, па во последната четвртина се влезе во максимално неизвесна завршница. Серијата грешки и слаби реализации во нападот, но и слабата скок-игра во одбраната се покажа како клучен фактор во последните минути, во кои Македонија целосно потфрли, а противникот од линијата за слободни фрлања стигна до победата.

Шошкиќ одигра одличен натпревар со 27 поени, 10 скока и 9 асистенции, по 14 реализираа Иванов и Луканоски, премалку за да се избегне пораз на овој натпревар во кој Македонија ја имаше победата на дланка.

Се вчитува...