Јуниорите со многу пот до триумф над Исланд

Македонската јуниорска репрезентација за кошаркари до 18 години го стартуваше шампионатот во Скопје со минимална победа над Исланд од 62-60. „Црвено-жолтите“ одиграа далеку под посакуваното ниво, бркаа негатива реечиси цело второ полувреме, за во самиот финиш на сцена да стапи Лука Стојановски. Капитенот на нашиот национален тим ја презеде одговорноста кога беше најважно, погоди две тројки, а потоа и клучното положување при последниот напад, за голема радост и стартна победа.

„Црвено-жолтите“ беа подобар ривал само во првите неколку минути, во кои создадовме предност благодарение на офанзивните скокови на Каркури. Исланѓаните пред крајот на првата четвртина погодија тројка и намалија на 14-13, за потоа во вториот период да направат и пресврт. На одмор се замина со предност на Исланд од 24-27, период во кој одбраната игравме солидно, но очајни бевме во шутот за три поени (1/12).

И наместо да се корегираме во третиот период, дозволивме противникот да влезе во серија, па повторно да се доведеме во ситуација да бркаме резултат. Избраниците на селекторот Милевски се братија, за момент поведоа, но следеше нова серија на Исланд и водство од седум поени за оваа селекција. Во вистински момент се разбуди Лука Стојановски погодувајќи две тројки, македонскиот капитен потоа постигна уште четири поени, па во последните 50 секунди се влезе со изамнети 60-60. Добивме и напад за победа, Стојановски капитенски ја презеде одговорноста, тргна на положување и погоди за еуфорија на околу 1.000 фанови во големата сала од СРЦ „Кале“.

Исланд ја промаши тројката за победа, за голема радост на нашите кошаркари, кои сигурно со поголема самодоверба ќе влезат во утрешниот дуел со Холандија.

Се вчитува...