Јуниорите со пораз на стартот на ЕП во Хрватска

Јуниорската репрезентација на Македонија претрпе пораз на стартот од Европското Првенство – Б дивизија што нашите млади кошаркари го играат во Опатија, Хрватска. Нивни прв противник вечерва беше Грузија, селекција што со фуриозното второ полувреме славеше со убедливи 66-83.

„Црвено-жолтите“ можат да жалат пред се за првиот дел, кога предводени од одличниот Цветковски (15 поени и 3 асистенции во првото полувреме) имаа предност од девет поени, но им дозволија на Грузијците да се вратат и на одмор да се замине со израмнети 36-36.

Македонија имаше 42-47 во 26. минута, но по грузискиот тајмаут следеше серија од единаесет поени на противникот, кој најпрвин го сврте резултатот во своја полза, потоа во четвртиот период имаа и најубедливи плус 17 (77-60), Македонија намали на 77-66, за на крајот овој натпревар да заврши со заслужена победа на Грузија од 83-66.

Цветковски со 20 поени беше најефикасен во македонскиот табор, а двоцифрен беше само уште Ѓорѓевиќ со 11 поени, но и дури седум загубени топки.

Нашите млади кошаркари во второто коло од овој шампионат утре со почеток во 18 часот ќе се сретнат со врсниците од Босна и Херцеговина.

Се вчитува...