Јуниорите врзаа две победи: По Данска, совладан и Азербејџан

Јуниорската репрезентација на Македонија врза две победи во борбата за пласман од 17. до 24. место на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје. По вчерашниот убедлив триумф над Данска, избраниците на селекторот Милевски денеска славеа и над селекцијата на Азербејџан со 65-50, за вкупно трета победа на овој шампионат.

Целата работа беше завршена уште во првата четвртина во која Македонија одигра извонредна одбрана, прими само шест поени за десет минути игра (20-6) и си создаде предност што се покажа недостижна. Остатокот од мечот беше одигран рутински, „црвено-жолтите“ во третиот период стигнаа и до дваесет поени разлика, за потоа во самиот финиш Азербејџан да ја намали разликата до конечни „плус петнаесет“ за Македонија.

Капитенот Лука Стојановски одигра одличен натпревар со 18 поени, пет скока и пет асистенции, Валмир Какруки постигна 17, а двоцифрен ефект имаше уште и Панов, со 12 поени, девет скока и пет асистенции.

Се вчитува...