Јувентус има дрим-тим за италијанските услови, но директорот Паратичи продолжува со активностите во овој преоден рок. Откако беше продаден Бенатија во Катар за 10 милиони евра, Јуве денеска заработи уште 20 милиони евра за играч што воопшто не беше дел од плановите на тренерот Алегри. Станува збор за голманот Емил Аудеро, кој настапуваше како позајмен играч во Сампдорија. Добрите настапи на 22-годишниот чувар на мрежата придонесоа управата на Сампдорија да инситира на откуп на договорот со Јуве, па денеска беше официјализирано дека Аудеро стопроцентно е член на Самп, а „старата дама“ за возврат ќе добие 20 милиони евра.
Италијанскиот шампион овие пари ќе ги потроши експресно, и тоа за ангажман на дефанзивецот на Џенова, Кристијан Ромеро. Џенова минатото лето го плати Аргентинецот неполни два милиони евра, но неговите одлични игри придонесоа цената вртоглаво да му порасне. Јуве се согласи да плати 20 милиони евра за да го осигура потписот на Ромеро, кој ќе остане на позајмица во Џенова до крајот на сезонава, за во текот на летото да допатува во Торино и да му се стави на располагање на тренерот Алегри.
Кристијан Ромеро сезонава настапи на 15 натпревари за Џенова, притоа постигнувајќи и еден гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА