Јуве пак е на „плус четири“ од Лацио

Јувентус ја одржува предноста од четири бода во однос на Лацио откако „црно-белите“ вечерва рутински триумфираа на гостувањето против Џенова со 1-3.

По неколкуте неискористени шанси во првото полувреме, резултатот на почетокот од вториот дел го отвори Дибала по една одлична соло-акција и прецизен удар со левата нога. На 0-2 зголеми Роналдо со прекрасен удар од дваесетина метри, а третиот погодок на Јувентус беше уште поубав, ремек-дело на Бразилецот Коста, кој со левата нога го погоди десниот горен агол од голот на Перин. Удобното водство му овозможи на тренерот Сари уште кон средината на второто полувреме да ги повлече од игра клучните фудбалери, одморајќи ги во пресрет на градското дерби со Торино што е на програмата в сабота.

Џенова до крајот успеа само да го ублажи поразот преку Пинамонти. Горан Пандев влезе во игра во 76. минута од овој натпревар, но македонскиот репрезентативец не се најде во ситуација да го загрози голот на Шчешни.

Се вчитува...