Јуве се откажа од Милик, новиот напаѓач ќе го бара од Аталанта

Фудбалерите на Јувентус се фокусирани на трката за скудетото, но клупските директори погледите ги имаат насочено кон засилување на тимот за наредната сезона. Средниот ред е „реновиран“ со договорените трансфери на Кулушевски и на Артур, но сега приоритет ќе биде ставен врз нападот, со оглед на желбата на „црно-белите“ да донесат класичен голгетер кој би играл крај Роналдо и Дибала.

Прва опција беше Аркадиуш Милик, но Јувентус се откажа од намерата да го ангажира Полјакот поради неможноста да постигне договор за трансфер со раководството на Наполи. Имено, Де Лаурентис не отстапува од сумата од 50 милиони евра, а Јувентус нема намера да плати богатство за играч кој има само уште една година од актуелниот договор со сегашниот клуб.

„План Б“ на „црно-белите“ од Торино е да биде ангажиран Дуван Запата, кој и оваа сезона прикажува извонредни игри во дресот на Аталанта. Колумбиецот пропушти неколку месеци поради повреда, но сепак стигна до 17 постигнати погодоци во досегашниот дел од сезоната, а директорите Недвед и Паратичи во него гледаат идеално засилување за „бјанконерите“. Веќе е испратена и првата понуда, 30 милиони евра плус голманот Перин, кој моментно се наоѓа на позајмица во Џенова, но летово би можел да се пресели во Бергамо.

Интензивниот интерес за нов голгетер значи и дефинитивно заминување на Гонзало Игуаин, кој летово ќе го напушти Јувентус. Аргентинецот има понуда за враќање во татковината, но најреално во моментов е тој да се пресели во американската МЛС-лига.

Се вчитува...