Кадетите до чудесен пресврт: Од минус 20 до победа со плус 13

Кадетската репрезентација на Македонија со неверојатното издание во второто полувреме успеа да ја совлада Швајцарија (89-76) за своја втора победа на Европското првенство – Б дивизија што се одржува во нашата земја. Успехот е уште поголем ако се знае дека одигравме катастрофлано во првиот дел, во кој речиси цело полувреме имавме двоцифрена негатива, но младите кошаркари покажаа и квалитет и карактер, го свртеа резултатот во своја полза и донесоа радост на навивачите во салата во Гевелија.

Швајцарија целосно доминираше во првото полувреме, по десет минути игра резултатот гласеше 16-30, а на самиот старт од вториот период опротивникот поведе со најубедливи 20 поени разлика (16-36). Коневски погоди две тројки во серија, Македонија спушти на девет разлика, но финишот на полувремето мина во знакот на гостите кои на одмор заминаа со водство од 35-50.

Поголем дел од третата четртина мина во контрола на водството на противникот, но Македонија заигра одлично во самиот финиш на оваа четвртина, со серија од осум поени намалувајќи на само три поени негатива (64-67). Следеше нова серија од десет поени, овојпат од 64-70 до наше водство од 74-70, „црвено-жолтите“ се наполнија со самодоверба и фуриозно одиграа до крајот на натпреварот, Швајцарците немоќно гледаа  и не им преостана ништо друго освен на крајот да им честитаат на нашите кошаркари на заслужениот триумф.

Илија Коневски блесна и со 26 поени ја предводеше Македонија во оваа победа, Зунзуровски реализираше 19 поени, додека Шабани го заврши мечот со 18 поени.

Се вчитува...