Кадетите покажаа заби, но немаа сили за сензација против Русија

Кадетската репрезентација на Македонија за кошаркари до 16 години во одличен меч не успеа да триумфира над фаворитот Русија (69-75), во првото коло од Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Сараево.

Нашите кошаркарски надежи одиграа меч со многу осцилации, но покажаа карактер враќајќи се во два наврати, сепак недоволно за сензационален триумф над „зборнаја“. Мечот почна со нервозна игра во нападот на Македонија, па руските кадети го добија првиот период со 23-13. Потоа следеше извонреден настап на нашиот состав, кој со агресивна одбрана и пресинг го исфрли од ритам противникот, добивајќи ги овие десет минути со преубедливи 23-10.

„Зборнаја“ на самиот почеток од третата четвртина ја врати контролата над играта, го сврте резултатот во своја полза, но Македонија во последните десет минути уште еднаш успеа да се врати. Со тројката на Гоце Петрушевски на помалку од една минута до крајот намаливме со 69-70, но тоа беше се што можеше да се стори, па Русија го доби овој натпревар со шест поени разлика.

Марко Миловановиќ со 20 поени и 10 скокови беше главна фигура во македонскиот состав, Петрушевски забележа 12 поени, седум скокови и седум асистенции, додека Величковски реализираше 10 поени.

Македонија утре во второто коло се среќава со селекцијата на Белгија.

Се вчитува...