Кадетите преслушани и од Словенија, следи клучна битка за опстанок

Кадетската репрезентација на Македонија го претрпе и третиот пораз во низа на М16 Европското првенство во Скопје, губејќи со убедливи 65-100 од селекцијата на Словенија во мечот за разигрување за пласман во четвртфиналето, или битка за опстанок. По овој пораз, на нашите кошаркари им претстојат битки за опстанок во А-дивизијата, клучна ќе биде следната средба, во која победа ќе значи и дефинитивно останување во елитното друштво.

Дуелот со Словенија беше загубен уште од самиот почеток, откако македонските кошаркари пет минути не постигнаа ниту еден поен, а противникот го искористи тоа за да поведе со 14-0. Првиот период заврши со убедливи 25-10, а Словенија одигра уште поефикасно во вторите десет минути што ги доби со 31-18 и на одмор замина со преубедливи 28 поени разлика. Остатокот од мечот беше само рутина во која словенечките кошаркари ја одржуваа убедливата предност и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Македонија утре ја очекува дуел со поразениот од вечерашната пресметка меѓу Шпанија и Летонија, во која Шпанците ја имаат улогата на апсолутни фаворити. Триумф над Летонците би значел и автоматски опстанок во А-дивизијата, додека во случај на пораз на утрешниот меч, Македонија би морала да слави во последните две средби за да избегне испаѓање во понизок ранг на натпреварување.

Се вчитува...