Кадетите се во четврт-финале, Норвешка победена на рутина

Кадетската репрезентација на Македонија оствари голем успех со пласманот во четврт-финалето од ЕП – Б дивизија во Сарајево, освојувајќи го второто место во групата Б. По денешниот триумф на Русија над Белгија второто место беше сигурно без оглед на исходот од нашиот дуел со Норвешка, но избраниците на селекторот Јованчев рутински стигнаа до нова победа (86-70), четврта во низа во групната фаза.

Во ситуација кога мечот немаше резултатско значење македонскиот селектор им даде шанса на сите кошаркари да ги покажат своите квалитети. Осцилации во играта имаше, најголемиот пад беше во втората четвртина, што Норвешка ја доби со 29-22, па на одмор се замина со израмнети 38-38.

Мечот беше решен во вториот дел од третата четвртина, кога Македонија при резултат 47-47 заигра далеку поагресивно во одбраната, влезе во серија и го заврши овој дел од мечот со убедливи 66-53. Остатокот од натпреварот беше рутина за македонските кадети, кои заслужено забележаа уште еден триумф, обезбедувајќи пласман во четврт-финалето од шампионатот.

Андоновски со 21 поен и девет скокови и Миловановиќ со 20 поени и 11 скокови беа главни адути при овој триумф, а двоцифрен ефект имаа и Савичевиќ со 12 и Петрушевски со 10 поени.

Се вчитува...