Кадетите со уште еден моќен триумф – четвртфиналето е на дофат

Кадетската репрезентација на Македонија ја забележа и третата победа во низа на ЕП – Б дивизија што се одржува во Сараево. По Белгија и Словачка, денеска пред нашите млади кошаркари потклекна и Данска, па со триумфот од 99-89 Македонија сега се наоѓа на чекор до одличен плассман во четвртфиналето од овој шампионат.

Мечот не почна според очекувањата, па Данците беа подобар противник во првите десетина минути. Стартната четвртина заврши со водство на противникот од 21-27, Данска поведе и содесет поени разлика на стартот од вториот период, но потоа Македонија доби на самодоверба и почна резултатски да се враќа. На одмор се замина со негатива на нашиот состав од 42-46, за во третата четвртина избраниците на селекторот Јованчев конечно да заиграат во препознатливиот ритам од овој шампионат и да го свртат резултатот во своја полза (28-19 во овој дел од мечот).

Последните десет минути минаа во тотална контрола на резултатот од страна на македонскиот состав, кој во неколку наврати имаше и двоцифрена предност, за на крајот да слави со конечни 99-89.

Марко Миловановиќ одигра фантастичен натпревар со 30 поени, седум скока и дури девет украдени топки, Андреј Андоновски постигна 22 поени, а Лука Савичевиќ 14 поени во денешната победа.

Македонија се зацврсти на второто место, а за пласман во четвртфиналето нашите кадети ќе треба да слават во последното коло против Норвешка, тоталниот аутсајдер кој ги загуби сите досегашни натпревари во Сараево.

Се вчитува...