КАТАПУЛТ: Како да (не)добиеш награда за „Животно дело“

Катапулт

Катерина Павлова Николовска

Награда за животно дело ! Врв на се она што сте го сработеле, несебично сте придонесувале и сте се вложувале себеси, сте придонеле за државата и нацијата од која потекнувате. Сте го дале практично поголемиот дел од животот во избраната професија, кариера и за тоа по извесен број години добиватае големо признание наречено „Награда за животно дело“.

Така тоа некако изгледа во теорија. Во Македонија е сепак малку поинаку. За особен придонес во спортот се добива значајната награда „8 Септември“. И тоа е добро замислено се додека не ви стане јасно дека за ова признание се пријавувате сами. И не само што си се пријавувате сами туку и одите по федерации, кои треба да ви го дадат потписот со кој потврдуваат дека се согласуваат со вашата кандидатура. На хартија, ве номинира матичната федерација која треба да има поддршка од десет други федерации за да биде валидна кандидатурата. Во реалноста, тоа изгледа сосема поинаку.

Не обидувајќи се да спорам со досегашните добитници сепак имам огромна дилема. Како тоа луѓето кои добиваат награди за животно дело се пријавуваат (практично) сами. А зошто има комисија, зарем комисијата избрана од државата да доделува награди не знае кои луѓе го заслужуваат ова признание.

Еве да речеме, на пример, имате година во која се пријавени петмина сосема незаслужни, луѓето си мислат дека треба да го добијат признанието (кое носи и серизен паричен бенифит) и си обезбедуваат номинација. Што ќе прави одборот, ќе бира ли по секоја цена од овие пријавениве кои да речеме абер немаат од награда „Животно дело“. Што ќе биде образложението, епа тие се пријавија, моравме да избереме.

Не може така. Комисијата треба нешто и да работи, да прави селекција од неколкумина заслужни во областа на спортот, па од тие неколкумина со потврдени и докажани резултати да избере кој таа година треба да го добие признанието.

Пресмешно е и самопријавувањето за годишните награди за спортисти на годината меѓутоа ова за животно дело е надвор од памет.

Дополнително, критериумите за волја на вистината се објавени официјално, но се штури, неодредени, непрецизни. Нема никави конкретни одредници за тоа што точно се бара од потенцијалните кандидати. Какви достигнувања треба да имаат и на крај ако сакате и на која возраст треба да бидат. Оти па некој може и на 30 години да е номиниран оти мисли дека заслужил и ќе собере пријатели да му потпишат. Ќе му дадеме ли награда ?

Да не навлегувам дека во описот на критериумите стои дека во поднесената иницијатива требало да има и точна адреса на претендентот за наградата. Аман, да не ја испратите поканата на погрешна адреса, место кај Љуљзим Вранези кај Индира Кастратовиќ.

И на крај. Одборите. Кои се членови. Изгледа одговорот на ова прашање го имаат само заинтересираните за признанијата. Затоа што јас список, листа, нешто такво не најдов. Не дека не се знае, ама некаде треба да ги има, на видно место и со објаснување. Зошто баш тие луѓе се членови на одборот. И како тие членови гласаат или се однесуваат во ситуација кога меѓу кандидатите имаат блиски членови на семејство, брачни другари, роднини.

Се вчитува...