Како ќе изгледаат ривалите на Македонија на ЕП: Холандија „осакатена“, Украина без клучен играч

Заканите на УЕФА за забрана на фудбалерите кои се дел од клубовите од Суперлигата на Европа на претстојниот европски шампионат може сериозно да ја промени листата на фаворити за големиот пехар на ЕВРО 2020. Англија ќе биде без фудбалерите од најголемите клубови, Италија без асовите на Јуве, Интер и Милан, а Шпанија нема да може да смета на клучните играчи на Реал Мадрид и Барселона.

Од ривалите на Македонија, сериозно ослабена ќе биде селекцијата на Холандија, кој без серијата на отсуства дефинитивно би ја немала улогата на апсолутен фаворит во групата Ц. Вирџил ван Дајк секако ќе паузираше поради повреда, а покрај него холандскиот селектор нема да може да смета ниту на Вајналдум од Ливерпул. Во средниот ред ќе недостига и Френки де Јонг од Барселона, како и Дони ван де Бек од Манчестер Јунајтед, а најголем удар ќе претрпи одбраната, каде „лалињата“ покрај Ван Дајк ќе останат и без Де Лихт (Барселона) и Де Фрај (Интер).

Украина ќе остане без еден играч, но тоа е многу значаен фудбалер во составот на селекторот Андриј Шевченко. Станува збор за Зинченко од Манчестер Сити, кој игра како лев бек кај Пеп Гвардиола, но во националниот тим важи за еден од главните организатори на играта на Украина.

Идентично како Македонија, исто така и Австрија нема ниту еден фудбалер од 12-те клубови „одметници“ чии играчи би можеле да добијат забрана за настап на ЕВРО 2020.

Се вчитува...