Каков ден: Чешковиќ доби син, па го реши МЗТ Скопје

Матија Чешковиќ цел живот ќе го памети вчерашниот ден, во кој хрватскиот кошаркар имаше значајна улога во триумфот на Фени индустри над МЗТ Скопје. Имено, Хрватот вчера попладне доби син, за потоа да излезе на теренот и да одигра одличен меч, симнувајќи го „металците“ од тронот во Купот на Македонија. Токму Чешковиќ ја постигна клучната тројка при „минус четири“ и го иницираше фантастичниот камбек во последните триесетина секунди, во мечот кој беше крајно емотивен за него.

Чешковиќ се јави во текот на вчерашниот ден и ни соопшти дека е на пат за Скопје, носејќи ја сопругата да се породи. Веднаш се врати во Кавадарци, каде ја прими веста дека добил син. Секако дека беше пресреќен, но и мотивиран за големиот натпревар со МЗТ Скопје. Сето останато можеше да се види, тој го погоди еден од клучните шутеви и помогна да славиме фантастична победа“ – откриваат од таборот на Фени индустри.

Кавадаречкиот прволигаш денеска ќе се сретне со Карпош соколи во големото финале од Купот на Македонија, меч закажан за 19 часот.

Се вчитува...