Каков луд меч – Италија се врати од „минус 26“ и по продолженија го победи Порторико

Италија успеа да надокнади негатива од 26 поени и по продолженија да стигне до победа над Порторико од 89-94 во меч кој немаше резултатско значење, бидејќи двете репрезентации ги загубија шансите за пласман меѓу осумте најдобри на Светското првенство во Кина.

Порторико одлично го отвори натпреварот, а по 10. минути игра веќе водеа со плус единаесет (24-13). До крајот на полувремето Италијанците не можеа да погодат буквално ништо, а разликата на семафарот само се зголемуваше, за убедливи на полувреме за Порторико (46-26).

Порторико одлично го почна и второто полувреме, а во 24. минута стигнаа и до највисоките плус 26 (59-33). Во продолжението застанаа Порториканците. Италија се разигра и предводена од Марко Белинели со серија од 37-9 успеа да стигне до целосен пресврт во 35. минута (68-70). Италијанците продолжија со одличната игра па на три минути до крајот стигнаа и до најголемото водство од плус седум (70-77). На минута до крајот Порторико имаше негатива од минус четири, но Италија почна повторно да греши а на 25 секунди до крајот натпреварот резултатот повторно беше израмнет (83-83). Следуваа грешки на двете страни, а Галинари со звукот на сирената имаше шанса да донесе победа за Италија, но не успеа да погоди за три поени и натпреварот замина во продолженија.

Избраниците на Сакети беа посмирени во продолженија и со одлична игра особено во одбраната успеаја да стигнат до конечна победа од 89-94.

Белинели со 27 и Галинари со 22 поени беа главните актери во пресвртот на Италија, додека кај Порторико најефикасен беше Балкман со 14 поени.

Се вчитува...