Каменица Саса и АС Јунајтед ќе играат во женското финале од Купот на Македонија

Екипите на Каменица Саса и АС Јунајтед на 18. мај (среда) ќе се соочат во женското финале од Купот на Македонија. На натпреварот кој ќе се одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“, двата тима ќе се обидат да стигнат до својот прв трофеј од најмасовното натпреварување.

Каменица Саса е актуелен првак. Скопје 2014 е последен освојувач на пехарот од Купот на Македонија од финалето одиграно 2019 година против Тиверија.

За тренерот на Каменица Саса, Зоран Златковски, освојувањето на трофејот во Купот на Македонија е приоритет, бидејќи како што вели, резултатите во првенството не соодветствуваат со квалитетот на екипата.

Како тренер и предводник на екипата очекував подобри резултати во досегашниот тек од првенството, со оглед на тоа што поседуваме голем потенцијал и квалитет. Приоритет ни е освојувањето на Купот на Македонија, иако нема да се откажеме ниту од борбата за првото место во првенството. Подготвени сме за натпреварот, со нетпрение и голема желба го очекуваме финалето и се разбира дека очекуваме победа во нашето прво финале од историја на клубот. Имаме голема почит за екипата и тренерот на Ас Јунајтед, Астрит Мерко, кој врши одлична работа. Противникот има квалитет и одлично функционираат како тим. Сметам дека ќе биде неизвесно и детали ќе го одлучат победникот. Очекувам интересен натпревар, неизвесен и борбен до самиот крај. Се надевам на победа и славје во Каменица“ – вели Златковски.

Астрит Мерко, тренерот на АС Јунајтед вели дека противникот е поискусен, но верува во своите млади фудбалерки и ќе дадат се од себе да победат на натпреварот.

„Го познаваме одлично тимот на Каменица Саса, поседуваат квалитет, играат одлично во последните неколку сезони во првата лига на Македонија. Очекувам интересен натпревар, голема борба и пожртвуваност кај двете екипи. Посакувам коректен натпревар. Верувам во моите фудбалерки. Имаме млада екипа која поседува потенцијал, речиси сите се репрезентативки и во натпреварувачки ритам. Ќе дадеме се од себе за да победиме. Можеби предност за нив може да претставува фактот што имаат поискусни фудбалерки и фудбалерки што доаѓаат од странство, но на крајот тоа не мора да биде пресудно. Верувам дека ќе биде неизвесно до самиот крај. Нека победи подобриот“ – истакнува Мерко.

Се вчитува...